RapSkillz Струмица – Осврт на полуфиналето

Пишува: Мартин Ковачки (Мarvelle)

 

Прва сезона RapSkillz Maкедонија…

Дојде и тој момент.

Полуфинале.

Уште само една битка до прогласувањето на првиот македонски battle-рап шампион.

Скопје, Велес, Битола, Куманово и Струмица добија свои настани, репутации беа создавани, тестирани, имиња исмеани па бодрени, линии заборавени, повторени, запаметени… Само една шанса имаш за прв впечаток, а судејќи го ростерот од прва сезона по напредокот од настан во настан – оптимист сум за иднината на нашава млада battle-рап лига.

Во овој блог ќе приложам мој осврт кон полуфиналниот настан, по иницијатива на групата за дискусии на Facebook. Битките во Струмица беа судени (две од нив лично и од мене), за разлика од MayDay I па нема да правам breakdown по рунди со поени туку ќе зборам за општиот впечаток што го оставија кај мене – што беше добро а што би можело да се подобри во иднина.

 

Noce vs HYPER

Како прво, да изразам почит кон организацијата, Ноце и Хајпер што овозможија оваа битка да се одржи под посебни околности со оглед на тоа што датумот на настанот стана неизводлив поради Х причини. Би се изненадиле колку од светските лиги вакво нешто не се во состојба да изведат.

Да навлеземе во битката – во живо ми беше сомнително дека не ловам доволно од пишаното па во пресудата бев краток и оставив простор за 2:1 но на камера јасно се гледа дека постојат нивоа на конкуренција. Хајпер едноставно треба да посвети повеќе време на текстовите и изведбата на својот материјал бидејќи Ноце го надигра во секое поле, сите 3 рунди. Повеќемина блогери на странските лиги се сложуваат дека ваквите битки треба воопшто да се избегнуваат бидејќи не е интересно кога има премногу едностран натпревар. 2:1 debatable / classic е идеалниот рецепт за добра битка, што патем нека служи како најава за дел од наредните битки од оваа карта.

Воедно честитки до Ноце, нашиот прв полуфиналист!  

 

Lux Kmala vs Krajm

Какво отварање на настан еј.. personal best од двајцата. Можеби со перформансот на вечерта и една од најјаките трети рунди досега во RapSkillz MK, Кмала повторно се покажа достоен за местото финалист во прва сезона. Иако пристапот кон Крајм не му беше најиновативен (повторување на аглите од Веѓаз претходно) сепак тоа не одзема многу од импактот што го постигна кај публиката.

Од другата страна пак, Крајм исто така беше во ретка форма, и дојде со солиден материјал сите три рунди. Флоуто е негова јака страна, и стилски изведбата повеќе прилега за на ритам отколку акапела. Мој совет би бил генерално да ја успори изведбата со цел да го проектира вокалот појасно, како и да воведе паузи каде што дише материјалот, каде публиката ќе процесира што било кажано и ќе има време за соодветна реакција. Наспроти ова и фактот што третата рунда ја заврши пократко од планираното, севкупно одлична вечер за Крајм. Фановите по коментари се дефинитивно поделени во мислењето кој победил, што кажува само по себе за нивото на конкуренцијата помеѓу овие двајца млади луѓе кои го сфатиле предизвикот сериозно.

 

Koljo vs TriM

Битка на вечерта. Дерби. Grudge-match. Classic. Многу титули одговараат за битката Кољо – Трим, која ги оправда сите препукувања по фб и ги надмина очекувањата на повеќето.

Воедно би сакал да ја поздравам тука и публиката во Струмица за одличната атмосфера, реакциите и почитта кон раперите во текот на целиот настан, алал вера.

Кољо и Трим имаа што да си докажат самите на себе, како и на целата лига. Back-to-back rebuttals во трета рунда, природна агресија и јасна изведба на материјалот го направија овој меч нешто за паметење. Кољо ни покажа нова страна од себе, а Трим го подобрил своето delivery правејќи го својот материјал поефективен.

Во ваквите битки иако судени јасен победник нема, па така цела публика сме победници бидејќи добивме квалитетна битка.

 

Vlado’Yo vs Mort

Струмица ја затворивме со солидно деби на домашниот рапер Vlado’Yo кој покажа интересен пристап кон Морт со аглите што ги зема против него, додека пак Морт напаѓаше прилично еднодимензионално.

Севкупно пристојна битка, Владо беше поконзистентен и ја зема победата јасно, додека и Морт имаше пар добри моменти во своите рунди но не беа доволно за да го сопрат материјалот на противникот. Лично сум уверен дека наредниот пат кога ќе го видиме Морт ќе ни го покаже својот целосен потенцијал.

 

Laz Vegjaz vs Enigma

За многумина ова беше најочекуваната битка од оваа карта и сериозен кандидат за битка на вечерта, но за жал се откажа во последен момент. Сепак решив да пишам мое мислење околу неа, баш поради таа причина.

Потенцијалот што го носат двајца натпреварувачи како Веѓаз и Енигма кои силно се потпираат на перформанс и контрола на публика, споен со публиката во Струмица таа вечер, ветуваше многу.

Ова е битка што би сакал да ја видам да се одржи што поскоро, по можност пред енергична и респонзивна публика.

 

За крај

MayDay II – финалето ни дише во врат.

Дали сме спремни како рап сцена и публика за тоа што следува со, и после овој настан? Ќе бидеме ли професионалци и да превземеме одговорност да бидеме секогаш спремни, со 3 солидни рунди во ракав? Ќе одвоиме ли доволно време да испегламе и извежбаме како што треба? Згора на се, ќе можеме ли да привлечеме нов талент во лигата и да имаме уште поквалитетна втора сезона?

Останува да си докажеме самите себеси дали можеме да бидеме лидери на балканскиот battle-рап.

Да живее жарот за престиж, да живее македонскиот хип-хоп!

До следно читање останете ми со здравје и добар рап,

Марв