Kртот vs Kискинов – Анализа

Пишува: Мартин Ковачки (Marvelle)

DISCLAIMER

Тврдењата изнесени во текстов се лично мои, и не се на никој начин поврзани со гледиштето на Rap Skillz Македонија како целина.

Како што напомнав во мојот прв блог за значењето на Rap Skillz движењето, ќе обрнеме посебно внимание на две битки од MAYDAY настанот, имено Кртот vs Кискинов и Ноце vs Влади. Овие две битки ќе ги анализираме поради квалитетот на пишаниот материјал, начинот на изведба и хемијата на самата сцена (како помеѓу противниците така и  меѓу изведувачот и публиката). Вистински прототип за одлична рап битка. Ова индиректно не значи дека останатите битки не беа на високо ниво, меѓутоа времето што можам да го одвојам за овие текстови е ограничено, и пред сè го правам со внимание и љубов.

За почеток ќе изнесам генерален став кон битката, па ќе навлеземе детално низ рундите да видиме дали постои можност (т.е. доволно очигледна разлика во материјалот) за фер проценка и дедукција кој бил победник.

Се наметнува прашањето, зошто моето мислење е релевантно? Ако ги тргнеме личните квалитети и афинитети настрана, battle културата за мене е нешто повеќе од хоби, лично го следам нејзиниот развој повеќе од една декада и досега сигурно сум преслушал преку илјадници битки закачени од разно-разни (знајни и незнајни) рап лиги, на дел од нив навраќајќи се и по неколку пати.

Во анализите ќе се раководам по системот за оценување даден од пионерот на battle-блогирањето Jayblac – еден поен за добар удар, два поена за room-shaker, или линија/сегмент што остава многу силен впечаток. На некои линии можеби лично ќе сакате да додадете поен, а на други да одземете, што е сосема во ред бидејќи сепак станува збор за индивидуална перцепција, без разлика на објективноста во пристапот.

Главните критериуми за доделување поен се:

  • релевантност на пишаното кон противник
  • презентација на материјалот (delivery, performance)
  • вокална проекција / присуство на бина
  • контрола / реакција од публика (занемарлив фактор но сепак земен во предвид)

Подолу може да ги погледнете моите табели (кои за жал HTML5 не ги прикажува најпрегледно), и поените кои ги доделив на секоја рунда поединечно.

Rd.1 Breakdown

КИСКИНОВ RD1 КРТОТ RD1
Бог / неверници 1 си го закачал брат ми / AEZAKMI 2
на Фб ја потите 1 жут папир / доста болан 1
феминистички / дереш, мрштиш 1 Јордане Јордане 1
чупани веѓи / вендета маска 2 нема цел, само главичката 2
права линија / решавам синуси 2 наместам / награда на МакФест 2
фаци ко RL Snapchat filter 1
Jedi Mind Tricks за сиромашни 2
Вкупно 10 Вкупно 8


Rd.2 Breakdown

КИСКИНОВ RD2 КРТОТ RD2
шема со великаните / IQ едноцф. 1 мортал комбат 1
ретард / албумот со тоалетна 1 назад у време 9/11 1
ханибал лектор / рудар – среќно 1 убиство 1 степен / гард – бит деф. 1
порака до Хелада / БГ пасош 2 со топот као венгер 2
целиот сегмент пред “check in” 2 мк филмови 1
Фотобомб / Фотокроп/ Фотошоп 1 стерилизирам / наздр. кандида 2
прв виден / рецепција 1
Вкупно 9 Вкупно 8


Rd.3 Breakdown

КИСКИНОВ RD3 КРТОТ RD3
IT geek – Чаир лик / Myspace 1 куршум / тумор / цијанид 2
Ел Борачо лоботомија 1 ставам all in / данте хипотека 1
добра храна / посна сарма 1 К** да јаде Југославија 2
Крт, Сокол, Мастермајнд 1
Ѓаол в’анус / бирај ти 1
Бараков / Колозов 1
на погребот свој си 1
дерењето ехо на несигурноста 2
Вкупно 9 Вкупно 5


Што значи сето ова во превод?

Одлична битка, со многу replay вредност бидејќи дефинитивно има зошто да се врати назад снимката. Двајца писатели кои очигледно знаат што прават со пенкалото, пренесувајќи интересни визии или опсервации кои те тераат да изреагираш бурно. Најблиската од рундите беше втората, каде постои простор личната перцепција да влијае да му ја дадете рундата на едниот или другиот. Имаше меморабилни линии од двете страни но тоа што го направи јазот меѓу двајцата и го издвојува победникот беше пристапот кој го одбраа, респективно. Да видиме зошто.

Кискинов ја отвори битката. Дојде со зрело конструирани рунди, материјалот беше поставен за скоро еднакво темпо низ сите три рунди, секојпат вперен од различен агол на противничката персона. Конзистентен притисок, насочен кон противникот и без суви точки во изведбата (наместа имаше подолг build-up кон ударната линија, двапати врати линија од почеток, но веќе навлегуваме во перфекционизам) што резултираше во изведба која не е лесно да се победи. Воедно инкорпорирани беа релевантни настани и околности што дотолку повеќе не остави простор за генерализиран пристап кон одбрана.

Кртот имаше бомбастично, непоколебливо присуство на бина, контрола над публиката и солидна изведба на материјалот (која ќе беше одлична доколку внимаваше на вокалната проекција што на места му наштети, заматувајќи го кажаното). Имаше силни моменти во секоја рунда, но и суви делчиња – списи кои беа нерелевантни за ситуацијата. Сèвкупно покажа повеќе силни линии од Кискинов но гледано како целина помалку материјал, притоа нееднакво распореден во рундите. Воедно, поголемиот дел од рундите можеше да биде кажан пред било кој. Самото ова е од дискутабилна важност за квалитетот на содржината на една битка, но според мене има дефинитивно витално значење конкретно во оваа. Ваквото тврдење станува посебно очигледно во третата рунда на Кртот, каде освен што беше најкратката од битката, беше пишана во формат на лична лирика, објаснувајќи го своето место и цел во биткава и животот воопшто, на некој начин. Освен силниот влез и завршеток немаше многу што да оценам како удар кон Кискинов па затоа најубедливо загубена рунда на мечот за Кртот е третата.

Краен резултат

Да резимираме, Кискинов ја зема битката јасно 2:1 во прва и трета рунда, со дискутабилнa втора за можен резултат 3:0. Би сакал да гледаме сè почесто битки од овој, па и повисок калибар, па се надевам дека ова ќе инспирира некои ветерански пенкала да го проверат нивото на мастило во нив. 😉

До следна прилика, останете ми со здравје и гледајте квалитетен battle-рап.

Marvelle