Зошто Rap Skillz движењето е порелевантно отколку што мислиш

Мартин Ковачки (Marvelle):

Како хип-хоп ентузијаст скоро ⅔ од мојот живот, професионален создавач на содржина и долгогодишен фан на battle-рап културата, би сакал да го споделам со вас моето гледиште околу една (навидум тривијална) категорија на забавно-музичката индустрија, т.е. акапела рап битките и нивното место како самостојна култура во пишаната уметност.

Со цел поракава да допре до поголем број читатели, ќе пробам баланс меѓу концизноста и едноставноста.

За почеток, доколку има такви на кои battle-рап терминот им е нешто ново, ве поздравувам и ќе дадам моја дефиниција за да може да го проследите текстов во правилен контекст. Battle-рапот низ годините има земено повеќе форми, преку рапување на дел од верс во снимена трака, до битки во живо на ритам во студио со текстови од песни, freestyle (од памет) битки во школски кафетерии и на улица, па се до букирани локали, распородадени карти и шоуа за паметење за кои се зборува и со години отпосле.

Значи battle-рапот во модерна смисла на зборот, е посебен начин на смислување на рап текст, кој што ќе се изведе акапела пред публика на претходно одреден датум со цел да се победи однапред познат противник. Тематиката на текстовите варира и е поврзана со пристапот на самиот творец, но неретко навлегува во +18 територија.

Прво, зошто Rap Skillz е движење, а не само battle-рап лига?

Пред да навлеземе во придобивките што ги отвора Rap Skillz, да го поставиме теренот. Движење е бидејќи ја има моќта да мобилизира и инспирира повеќе типови граѓански групи, чија инволвираност ефективно ќе ги промени и оплемени (повеќе или помалку) нашето општество и култура, посебно на долг рок. За како ова би се случило, станува збор подолу во текстов.

Battle-рап = единствената компетитивна уметност во светот или дебатен спорт?

Јас би рекол и двете. Спорт, бидејќи има дефинитивен сет на вештини (ова си бара посебен блог, ќе оставиме нешто и за следен пат) кои играат улога во една рап битка, и усовршувањето на истите ќе има директен ефект на перформансите на натпреварувачот.

Од другата гледна точка, интересен е феноменот на создавање рунди, бирање агли, спремање ударни линии и вежбање на изведбата – сиот овој труд со цел да се надигра, надпише или едноставно надмудри другата страна.

Замислете два сликари кои цртаат на исто платно, натпреварувајќи се кој ќе ја отслика сликата подобро, постилизирано, поуверливо за на крајот натпреварот да заврши резултирајќи во едно дело. Ваквиот концепт каде две спротивставени, меѓусебно независни творци добиваат платформа да создадат уникатно, заедничко дело без притоа да им е претходно познат туѓиот придонес не се забележува во ниедна уметност или спорт.

Има нешто многу посебно во сето ова, и вистинска магија кога две “алфа-пенкала” ќе се спојат во рингот, сфаќајќи го предизвикот сериозно.

За што придонесува battle-рап културата?

Во суштина, иако имаат многу заеднички точки, battle-рапот и рап музиката имаат јасни разграничувања. Ритмичкото редење на зборови со цел да се пренесе порака е секако најјака сврзна особина на овие две уметности, но во рап битките во игра влегуваат нови фактори – публиката, противникот и акапела форматот. Оваа тема е исто така поширока и заслужува посебен блог па ќе скратам овде.

Придобивките од battle-рапот можеме да ги поделиме на општи, кои ја тангираат пошироката јавност / сцената и индивидуални, кои го тангираат самиот творец.

  • Општо гледано:
    • Директно влијае на подобрување на поезијата и користењето на еден јазик: создавајќи конструктивен натпревар меѓу писателите, се поттикнува истражувањето на (и играњето со) јазикот, зајакнато поради фактот што пишаното треба и да се изведе, презентира пред противникот и публиката.
    • Инспирира нови умови да го фатат “пенкалото” и со тоа да остават свој уникатен печат во македонското творештво.
    • Инспирира постоечки, етаблирани уметници да ги “пробаат” своите вештини во рингот притоа збогатувајќи ја сопствената моќ како писатели и индиректно подобрувајќи ја својата музика и останати креативни проекти во иднина придонесувајќи за побогато културно наследство.
  • Индивидуално гледано:
    • Можност за градење или зајакнување на личниот бренд како и експонираност пред нова публика – секаде низ светот, рап битките не ги следат исклучиво само хип-хоп фацки, па на овој начин се апелира кон поширока демографија.
    • Повеќекратен личен стрес-тест: во моментот кога рапуваш, целото внимание е насочено кон тебе и ја водиш енергијата на целиот настан. Презентирањето на измислени тврдења во рап форма пред публика навлегува во пресекот на драматизација и јавно говорење. Тука е и истрајноста под притисок (од противник, од публика), адаптацијата на претходно пишан материјал со моментални досетки (freestyle rebuttals) со цел да се извади противникот од моментум или да се создаде свој, итн.
    • Креативна инјекција на умот: обработката на креативни концепти, латералното размислување како и техничката способност потребна за римување и создавање акапела ритам за поуспешно презентирање на материјалот си го прават своето.

Што всушност се случи на МаyDay?

Што би рекол легендарниот battle-блогер Jimz – YOU WASN’T THERE!!!

За тие што не се запознаени MayDay, тоа е всушност Rap Skillz настан од висок калибар каде во промо (несудени) битки можат да си ги “расчистат сметките” и луѓе кои не се дел од лигата, што го прави идеален терен за настап на веќе докажани творци / рап артисти.

Првиот MayDay учествуваа вкупно 12 артисти, а вечерта за мене лично ја дефинираа Кискинов, Влади Ортографија, Кртот и двојната комплимент битка Rap Pozitiv / Drunk Flow. Поради јазичната бариера не успеав да ја проследам квалитетно битката на бугарските емсиња Prim и MD Beddah во живо, па оттука и не сум компетентен да го проценам квалитетот на изложениот материјал, но почит до двајцата за прикажаниот спортски дух. Женската битка потфрли на очекувањата (SPOILER) бидејќи Фетус за жал не успеа да го извади својот материјал, додека Данда беше одлична, правејќи солидно деби. Веѓаз и Кмала уште еднаш потврдија дека се вистински шоумени, добивајќи одлична реакција уште на самиот почеток на настанот. Кољо и Јасмин (кој патем имаше пристојно деби) дојдоа со интересен материјал и исто така беа добро прифатени од публиката.

Подетален опис на битките Кискинов vs Кртот и Влади vs Ноце ќе следи по нивното објавување бидејќи сакам да ги анализираме како две битки од посебно значење за напредокот на македонскиот battle-рап.

За крај

Ова четиво е само гребење на површината, но се надевам дека кај некого пробуди нов начин на размислување кон battle-рапот, можеби некој се инспирираше да седне и спреми материјал или едноставно доби желба да погледне рап битка за прв пат.

Секако, пишаново е само едно лично гледиште, доколку мислиш поразлично те охрабрувам на дискусија во групата на Rapskillz Македонија на Facebook.

До следно читање,
Marvelle